Елмас е џокерот од клупа за Гатузо: Му ја донесе првата победа на Рино во 90+4 (видео)

Наполи во вториот меч под водство на новиот тренер Џенаро Гатузо успеа да оствари победа, па актуелниот италијански вицепрвак со три бода при конечни 2-1 се враќа од Сасуоло. Рино му даде шанса на македонскиот репрезентативец Елиф Елмас да ги одигра последните дваесетина минути од мечот, а тој беше освежување за гостите и токму нашиот „дијамант“ ги донесе бодовите за Наполитанците.

По половина час игра домаќините стигнаа до предност од 1-0 преку Траоре, сосема заслужено ако се земе предвид дека Сасуоло доминираше во првите 45 минути, наспроти пасивноста на Наполитанците и нивниот единствен удар во рамките од голот. Меѓутоа, сосема различно сценарио се случи во вториот дел, фудбалерите на Гатузо беа поагресивни, па и израмнувањето се случи пред 60-тата минута, а го донесе Алан.

Се играше 80-тата минута кога Наполи постигна втор погодок, меѓутоа во моментот кога Мертенс шутна, Калјехон се најде во офсајд замка и голот не важеше. Дури во четвртата минута од судиското надополнување Елмас го реализира победничкиот гол на тој начин што храбро одигра со глава во мешаницата пред голот на домаќините.

Погодокот на Елмас можете да го погледнете на следниот линк

- Оглас -

Најнови вести