Елмас е фудбалер со најмногу претрчани километри во Фенербахче

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас е играч кој најмногу трча во тимот на Фенербахче и тоа е еден од одговорите на прашањето зошто тренерите го сакаат и редовно го ставаат во почетниот состав.

На петте меча во турската Суперлига на кои играше по 90 минути, Елмас има просек од 12 претрчани километри. И позицијата на којашто игра наложува да има многу трчање, да ја држи средината и да помага и во нападот и во одбраната, а Елиф ја оправдува довербата на холандските тренери.

Второто место го држи Михаел Фрај со 11,8 километри по меч. Младиот Македонец е модерен играч кому очигледно е дека физичката подготовка му е на високо ниво. На последните три меча, два во домашната лига и еден во Лигата на Европа, без проблем играше цело време по 90 минути. Освен тоа што многу трча, Елмас е прецизен и во додавањата. Има 87 проценти успешност при пасовите до соиграчите и тука е втор во Фенер, зад дефанзивецот Роман Нојштетер со 88.

- Оглас -

Најнови вести