Селекцијата на Македонија не успеа повторно да остане непоразена на гости кај Италија, вечерва на „Олимпико“ загуби со 5:2, а по мечот Елиф Елмас призна дека Аѕурите заслужено триумфирале.
„Ние секогаш веруваме во себе и свесни сме дека можеме да направиме нешто добро. Со Италија тргнавме по такво нешто, но не успеавме. Се надевам дека овој меч ќе ни помогне да растеме како тим. Очекувавме ваква игра на Италија, оставивме многу простор за игра со што Италијанците почнаа да создаваат шанси и да доаѓаат до голови и мислам дека заслужија да победат“, изјави Елмас.
Македонија квалификациите ќе ги заврши в понеделник на Националната арена „Тодор Проески“ со дуелот против Англија, додека Италија во директен дуел со Украина ќе одлучи која селекција ќе го освои второто место во групата Ц и ќе обезбеди директен пласман на ЕП.