Елмас против Интер ќе чека шанса од клупа, Алиоски стартер против Арсенал

Елиф Елмас повторно нема да биде стартер во екипата на Наполи, на дербито со Интер на „Сан Паоло“ ќе чека шанса од клупата за резерви, но во претходниот меч беше во иста улога и трпението му се исплатеше, бидејќи беше директен учесник во победничкиот гол кој сепак не му беше запишан нему.

Елмас и кај Карло Анчелоти не беше редовен стартер, не е ни кај Џенаро Гатузо, но тоа што веќе не се спомнува негова позајмица, е доволен сигнал дека Гатузо смета на него и оваа сезона. Наполи сака да купи уште еден фудбалер од средниот ред, но додека не се случи тоа, Елмас кој може да игра на неколку позиции, не треба да стравува за својата минутажа како дебитант во Серија А. Ова е прв дуел на Елмас против лидерот на табелата.

Денеска во Италија ќе игра и Илија Несторовски, кој со Удинезе гостува кај Лече. На стадионот во Лече, Горан Пандев го постигна голот на сезоната, го лобуваше голманот со шут од 40 метри, па можеби тоа ќе биде инспирација за Нестор и тој да покаже мајсторија на истиот терен.

Во англискиот ФА куп, на „Емирејтс“ во Лондон, Арсенал го пречекува Лидс. Тимот на Езџан Алиоски засега добро котира во Чемпионшип и има реална шанса во следната сезона да биде премиерлигаш. Колку актуелниот состав на Лидс е блиску или далеку  од Премиерлигата, ќе покаже ова тешко гостување. Алиоски ќе биде во тимот, а пред некој ден на прес-конференција најави дека одат на победа и дека не се плашат од Топчиите. Дали оптимизмот е оправдан, останува да се види.

- Оглас -

Најнови вести