Емери бара да се „одврзе ќесето“ за скапи засилувања

Арсенал денес (15:05 часот) го очекува тешко гостување кај Евертон во 33-тото коло во Премиер лигата. „Топчиите“ треба да го надминат овој тежок предизвик и да останат во пол-позиција пред Челзи и Манчестер јунајтед во трката за четвртото место на табелата, кое води во Лигата на шампионите.

Во пресрет на дуелот на „Гудисон парк“, менаџерот на Арсенал, Унаи Емери одговори на едно интересно прашање, а тоа е како неговиот тим да биде конкурентен и да се бори за трофеи следната сезона.

„Сметам дека најпрво мора да го одврземе ќесето и да почнеме да трошиме големи износи на пари за квалитетни засилувања. Во минатото овој клуб вршеше одлична работа со доведување на млади и талентирани фудбалери, кои подоцна станаа врвни играчи, а исто така академијата произведе голем број на квалитетни играчи кои денес се во првиот тим и имаат важни улоги. И јас преферирам да развивам млади играчи и со нив да доаѓам до успеси, но факт е дека мора да купиме играчи кои ќе ја прават разликата на теренот. Погледнете што направи Ливерпул со Ван Дајк, поради него тие ја имаат најцврстата одбрана во лигата“, истакна Емери.

Но, како што стојат работите, на Емери нема да му биде исполнета оваа желба, бидејќи наводите на англиските медиуми се дека Арсенал ќе има „само“ расположливи 45 милиони фунти за трансфери во следниот летен преоден рок. Пред почетокот на оваа сезона доведоа четири нови засилувања, за Папастатопулос, Лено, Гендузи и Тореира Арсенал потроши околу 70 милиони фунти.

 

- Оглас -

Најнови вести