Астон вила имаше перфектен старт во Лигата на шампионите по првите три кола, но таа низа заврши вчера, на гостувањето кај Бриж. Иако англискиот тим ја имаше улогата на фаворит, Бриж се радуваше на победа од 1:0.
Погодокот вреден триумф Бриж го даде од пенал, кој беше направен на неверојатно банален начин.
„Неговата грешка е многу чудна. Тоа е најголемата грешка што ја имам видено во кариерата. Ова ми се случило само еднаш во животот, и тоа е сега“, рече Емери со неверување за тоа што се случи.
Се играше 51-вата минута кога голманот Емилијано Мартинес ја изведе топката од голаут и ја додаде кон Тирон Мингс. Стоперот на Астон вила наместо да продолжи да игра, ја фати топката со раце и сакаше да намести повторно изведување од петерецот.
Германскиот судија Тобијас Стилер веднаш досуди пенал, а Бриж го искористи подарокот од играчот кој во Астон вила пред четири години дојде за трансфер од 22,3 милиони фунти.
Само 15 минути по овој банален кикс, Мингс беше повлечен од игра.