Емилијано Сала требаше да го прослави 29-тиот роденден – во негова чест стадион ќе го носи името на трагично загинатиот Аргентинец

„Добре дојдевте на стадионот Емилијано Сала“, ќе извикува официјалниот спикер на стадионот на кој своите мечеви ги игра екипата на Сан Мартин де Прогресо во Аргентина. Ова е клубот во кој својата кариера ја има започнато Емилијано Сала, фудбалерот кој во јануари трагично го загуби животот во авионска несреќа.

Сала направи трансфер од Нант во Кардиф, а на пат кон својот нов клуб, авионот со којшто патуваше исчезна над англискиот канал Ла Манш. По неколкудневна потрага, авионот беше најден на дното од Ла Манш, заедно со телото на Сала. Телото на пилотот кој го возеше авионот не беше пронајдено.

Сала уште како 4-годишно детенце првпат дошол во тимот на Сан Мартин де Прогресо и таму останал до својата 15-та година. Во 2010 година заминува во Бордо, а врвот на кариерата го достигна откако направи трансфер во Нант, каде што во 133 меча даде 48 погодоци. Таквата игра беше препорака за трансфер во Англија, но, за жал, никогаш не го облече дресот на Кардиф.

Сала е роден на 31 октомври, што значи дека утре требаше да го прослави својот 29-ти роденден. Во чест на роденденот на Сала, неговиот матичен клуб реши стадионот да го носи името на трагично заинатиот аргентински голгетер.

„Ќе направиме споменик и ќе го промениме името на стадионот во чест на Емилијано Сала“, потврди претседателот на Сан Мартин де Прогресо, Даниел Риберо.

 

- Оглас -

Најнови вести