Епски пресврт на Гризлите против Шумските волци, Голден стејт има нов јунак (Видео)

Кошарката е спорт во кој тимовите често прават серии, па пресвртите се чести, но ова што го направија утрово кошаркарите на Мемфис гризлис на гостувањето кај Минесота тимбервулфс, е навистина спектакуларно.

На 9 ипол минути до крајот на втората четвртина, Шумските волци водеа со 26 поени разлика, но разликата беше речиси стопена до крајот на полувремето. Потоа дојде третата четвртина во која повторно домашните се одлепија, овојпат имаа 25 поени разлика на три минути до крајот на третиот квартал. Кога се чинеше дека победникот е одлучен, дојде нов сензационален пресврт на гостите.

На лудиот меч имаше серии од 19-3 на Минесота, па 15-0 на Мемфис, 10-0 на Минесота и конечно 23-0 на Мемфис.

Мемфис последната четвртина ја доби со 37-12, и на крај не само што победи, туку славеше и со комотни 104-95. Џа Морант испиша историја со тоа што стана прв играч на Мемфис кој направил трипл-дабл на еден плејоф меч. После три меча, Мемфис води против Минесота со 2-1.

Голден стејт поведе со 3-0 против Денвер. Триумфот на Вориорс од 118-113 им го донесоа Стеф Кари со 27 поени, исто толку даде и Џордан Пул, и Клеј Томпсон со 26. Томпсон стана трети тројкаш во историјата на НБА плејофите, но вистинскиот џокер беше Пул. Никола Јокиќ имаше 37 поени и 18 скока, но неговиот тим е во негатива каква никој досега во историјата не успеал да ја надмине.

Далас без Лука Дончиќ, победи на гости кај Јута со 126-113 и поведе со 2-1. Џејлен Брансон со 31 поен беше лидер на Маверикс, кој конечно победи во Солт Лејк сити после црна серија од 11 порази по ред.

- Оглас -

Најнови вести