Ериксен не може да игра за Интер со дефибрилатор

Кристијан Ериксен не може да настапува за Интер во новата сезона од Серија А сè додека не му се отстрани дефибрилаторот кој ја следи работата на неговиот срцев мускул.

Данскиот фудбалер пред помалку од еден месец се спаси од сигурна смрт кога колабира среде натпреварот меѓу Данска и Финска на Европското првенство, по што му беше вграден уредот.

Дека нема право да настапува според правилникот, потврди и главниот лекар на Италијанската фудбалска федерација, Франко Браконаро.

„Само доколку дефибрилаторот му биде отстранет и Кристијан ги помине низата тестирања по кои ќе се докаже дека е физички подготвен, ќе може да игра за Интер. Во спротивно, нема да добие дозвола“, истакна Браконаро.

Бидејќи правилата се строги, а засега не е опција Ериксен да прекине да го користи уредот, веројатно ќе мора да донесе тешка одлука и да проба да најде нов клуб, односно лига каде што ќе му биде дозволено да игра.

За разлика од Серија А, во некои лиги во Европа е дозволено да се игра со вграден уред, а пример е Дејли Блинд од Ајакс, кој веќе извесно време настапува со дефибрилатор.

- Оглас -

Најнови вести