Претседателот на САД, Доналд Трамп, призна дека не би платил 1000 долари за билет за натпреварот меѓу репрезентацијата на САД и репрезентацијата на Парагвај на Светското првенство во фудбал.
„Не знаев за таа сума. Секако дека би сакал да бидам таму, но искрено, не би платил толку пари“, изјави Трамп во интервју за „Њујорк пост“.
Истовремено, американскиот државен врв го истакна комерцијалниот успех на турнирот. Според него, веќе се продадени 5 милиони билети, што претставува рекорд.
Трамп сепак изрази загриженост дека високите цени можат да ги направат натпреварите недостапни за обичните навивачи.
„Не ги видов цените, но ќе треба да проверам. Ако луѓето од Квинс и Бруклин и сите кои го сакаат Доналд Трамп не можат да одат, ќе бидам разочаран. Но, истовремено, ова е неверојатен успех“, додаде тој.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, ги објасни високите цени со спецификите на американскиот пазар и фактот што таму е дозволена препродажба на билети.
На почетокот на април, Светската фудбалска куќа ги зголеми цените на билетите за 40 натпревари од турнирот. Најскапите билети за финалето се зголемија од 8.700 на 11.000 долари, додека просечната цена за финалниот натпревар во Њу Џерси е околу 13.000 долари.
Светско првенство 2026 ќе се одржи од 11 јуни до 19 јули во САД, Канада и Мексико, а за првпат ќе учествуваат 48 репрезентации.

