Денеска на „Плоштад Македонија“ свечено беше отворена првата сезона на Плазма Спортските игри за млади во Македонија. Македонија станува дел од семејството на најголемата спортско-аматерска манифестација во Европа, која во текот на 30 години од своето постоење обединила повеќе од 3.440.000 деца и млади. Плазма Спортските игри за млади уживаат поддршка од бројни светски институции, меѓу кои се УЕФА, ФИДЕ, ФИБА, Европската комисија, Европската Унија, како и бројни спортски федерации и истакнати спортисти.
Право на учество имаат сите деца и млади, не само оние кои активно се занимаваат со спорт. Игрите овозможуваат бесплатен пристап до спорт за секое дете и со години испраќаат силна порака – „Чекор за подобра иднина“. Нивната мисија е преку спортот да ги поврзат младите, да поттикнат заедништво, фер-плеј и создавање здрави животни навики. Во рамки на Игрите се организираат натпревари во 10 спортски дисциплини: Coca-Cola Cup – турнир во мал фудбал, пинг-понг, тенис, народна топка и атлетика во рамки на Денот на спортот, баскет 3×3, ракомет, шах, одбојка и одбојка на песок.

На церемонијата на отворање присуствуваа премиерот на Македонија, проф. д-р Христијан Мицкоски, министерот за спорт Борко Ристовски, претседателката на Федерацијата на училишен спорт, Елена Мицковска, претседателот на Плазма Спортските игри за млади, Здравко Мариќ, генералниот директор на Пивара Скопје, Огњен Лазиќ, извршниот директ на Шпаркасе Лизинг, Марјан Манчев.
Премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски истакна дека Владата ќе продолжи да го поддржува спортот и да стои позади младите.
„Навистина прекрасна глетка, ова да се види денеска на плоштадот во Скопје, претставува нешто божествено. Мене ми е чест што сум на првата сезона од „Плазма“ спортските игри за млади, убеден сум дека овие денови, овие недели, овие месеци од вашите животи ќе ги паметите цел живот. Спортувајте, другарувајте, учете затоа што спортот е иднината на нашата татковина Македонија. Ви благодарам и на вас наставниците, професорите што сте тука, а ние како Влада ќе продолжиме да го подржуваме спортот и да стоиме позади младите. Нека е со среќа и нека е со успех и нека победи подобриот“, рече премиерлот Мицкоски.

Амбасадори на Плазма Спортските игри за млади се врвни спортисти – идоли и промотори на вредностите што ги носат Игрите. На отворањето присуствуваа Предраг Мијатовиќ, Немања Видиќ, Петар Метличиќ, Предраг Даниловиќ и Емир Спахиќ, додека од Македонија амбасадори се Горан Пандев, Кирил Лазаров, Војдан и Дамјан Стојановски, Бобан Илиевски, Дејан Георгиевски, Дарио Ивановски, Филип Кузмановски, Лина Ѓорческа, Игор Стефановски Иџе и Милјана Рељиќ. Честа да го запалат олимпискиот оган им припадна на Игор Стефановски Иџе и Дарио Ивановски.
„Денес е ден кој има посебно значење за сите нас. Денес започнуваме едно ново поглавје за училишниот спорт во нашата држава. Како Федерација на училишен спорт, нашата мисија отсекогаш била јасна, да создадеме систем во кој секое дете ќе има можност да се натпреварува, да напредува и да се развива преку спортот. Оваа година, преку Плазма Спортските игри за млади, тој систем го подигнуваме на едно повисоко ниво. Натпреварите нема да се одржуваат само на едно место. Тие ќе се одвиваат низ целата држава, во Скопје, Охрид, Битола, Прилеп, Кичево, Кавадарци, Штип, Кочани, Тетово, Куманово, Велес, Струмица и Дебар. Тоа значи дека илјадници и илјадници деца ќе имаат можност да бидат дел од оваа приказна, да застанат на терен, да почувствуваат што значи тимска игра, и да создадат спомени кои ќе ги паметат цел живот.Нашиот пристап е системски и организиран. Секој натпревар е дел од поширока структура, од локално ниво, преку квалификации, до финални настани, и се до големото финале во Сплит“, истакна претседателката на Федерацијата на училишен спорт, Елена Мицковска.

