Тренерот на Атлетик Билбао, Ернесто Валверде, тешко го поднесе поразот од 1-4 во реваншот од полуфиналето на Лигата на Европа против Манчестер јунајтед и елиминацијата на неговиот тим. Тој смета дека овој резултат, како и оној во првиот натпревар (0-3), не го одразува она што го покажаа двата тима.
„Игравме добро и бевме во игра 80 минути. Игравме блиску до нивниот шеснаесетник и притискавме. Но, потоа одигравме многу лошо во последните 10 минути. Фудбалот се игра 90 минути, а не 80 или 75. Резултатот е нефер, со оглед на тоа што притискавме во нивниот 16-ник и се обидувавме да постигнеме добар резултат откако ја направивме најтешката работа, да поведеме со 1-0. Мечевите беа многу порамноправни отколку што покажуваат резултатите“, рече Валверде.
Во Билбао се надеваа на чудо дека може да го играат финалето кое ќе се одржи на нивниот „Сан Мамес“, голем број нивни фанови го наполниот гостинскиот сектор на „Олд Трафорд“, но во битката за трофеј и влез во ЛШ ќе игра Манчестер јунајтед.