Еурофарм Пелистер во Унгарија оди по сигурен плејоф, можеби како прв во групата

Македонскиот претставник во ЕХФ Европската лига, Еурофарм Пелистер, од 18.45 часот на гостувањето кај Татабања во Унгарија има цел да победи, со што дефинитивно би се обезбедило место во следната фаза, а ако киксира Ним против Кадетен Шафхаузен, битолчани и би го презеле првото место во групата.

Првата пресметка меѓу двете екипи која се одигра во Битола заврши со убедлива победа на Фармацевтите од 33-20. Но, тренерот Жељко Бабиќ е претпазлив.

„Ништо не е готово, уште сè е отворено. Имаме уште две кола, а математички уште не го обезбедивме ни осминафиналето. Мора да останеме фокусирани, ментално цврсти, да размислуваме секој за своите задачи и да го потврдиме тоа што нè краси – тимската игра. Нема да биде исто како во Битола. Татабања е добар и подвижен тим. Имаат технички добри ракометари кои играат „еден на еден“, имаат и одличен тренер. Точно е дека немаат шанси за осминафинале, но имаа проблеми во клубот и затоа се малку подолу на табелата. Сепак, заслужуваат респект и пред нас е баш европски натпревар“, вели Хрватот.

Битолскиот тим на ова гостување ќе биде без бековите Рение Табоада, Мартин Велковски и Немања Обрадовиќ.

- Оглас -

Најнови вести