Европски шампион ќе му биде соиграч на Чави во Ал-Сад

Познато е дека Франк Рибери по крајот на оваа сезона, ќе го напушти Баерн Минхен. Неговиот договор истекува во јуни, а со тоа ќе заврши и неговиот дванаесетгодишен мандат на „Алијанц арената“. Искусниот француски офанзивец сепак не се насити од фудбалот, планира да игра уште неколку години, а пред него се четири примамливи понуди.

Претходно интерес се појави од Кина и САД, а сега повик пристигна и од Австралија и Катар. Јасно е дека Катарците можат да му понудат најголема заработка, а екипата на Ал-Сад се обидува да го привлече Рибери и со нивниот капитен, Чави Ернандес.

Факт е дека ова е шанса за Рибери да заигра покрај еден од најдобрите играчи за врска во историјата на фудбалот, а покрај тоа ќе добие и договор со кој може мирно да си ја дочека пензијата. Точно е дека и Кинезите се расфрлаат со пари за фудбалери, додека ветерани како него најчесто кариерата ја завршуваат во САД. Во Австралија фудбалскиот проект секоја година се развива сè повеќе, но да му бидеш соиграч на Чави е сосема друга приказна.

Она што е јасно е дека Рибери по крајот на оваа сезона нема да ги брани боите на Баерн, клубот со кој ја освои Лигата на шампионите во 2013 година, како и осум шампионски титули и пет куп-трофеи во Германија.

- Оглас -

Најнови вести