Европското фудбалско првенство пред нов голем проблем

Европското фудбалско првенство за првпат во историјата мораше да се одложи. Иако беше планирано тоа да се игра летово, поради пандемијата со Коронавирусот, шампионатот е одложен за следната година. На тој начин за првпат ќе гледаме континентален собир во непарна година.

По одложувањето на турнирот за ова лето, сега се најавуваат нови проблеми. Некои медиуми пишуваат дека е можно Рим и Билбао да ги откажат домаќинствата, токму поради економските штети што опасниот вирус ги нанесе. Планот за ЕП 2020 беше да се игра во 12 града во цела Европа.

Проблем има кај поголем дел од стадионите затоа што веќе имале направено агенди и договори за 2021 година.  На „Вембли“ во Лондон, каде што домаќин на трите меча од групната фаза ќе биде Англија, имаше закажано концерти за тој период, но сега тие ќе мора да бидат одложени.

Слична е ситуацијата и на стадионите „Хемпден парк“ во Глазгов, „Авива“ во Даблин и „Јохан Кројф“ во Амстердам, кои имале подготвено програма за летото 2021 година. Дел од сопствениците на стадионите дури размислуваат да го откажат домаќинството за континенталниот собир затоа што сега им се нарушил целиот план за следната година.

До почетокот на ЕП има уште повеќе од една година, период во кој би требало да се решат сите новонастанати проблеми.

- Оглас -

Најнови вести