Рио со феноменална приказна потврди зошто Алекс Фергусон беше генијалец

Манчестер јунајтед и Арсенал вечерва играат во дербито на седмото коло во Премиер лигата, а атмосферата пред мечот дополнително ја загреа поранешниот дефанзивец на Црвените ѓаволи, Рио Фердинанд. Легендарниот одбранбен англиски играч откри многу интересна анегдота за тоа како тие биле мотивирани пред мечот со Арсенал во 2010 година, кога на клупата на „Олд Трафорд“ беше неповторливиот Сер Алекс Фергусон.

Шкотскиот менаџер е најтрофеен во историјата на англискиот фудбал, а Фердинанд откри само еден дел од тактиките на Фергусон за мотивирање на екипата, посебно пред големи дерби-дуели.

„Се сеќавате ли на чилеанските рудари кои доживеаја несреќа и повеќе од два месеци беа затрупани во рудникот? Се подготвувавме за еден важен меч, бевме на тренинг, кога наеднаш пред нас се појавија група непознати луѓе. Тоа беа рударите од Чиле“, открива Фердинанд.

Која била целта на Фергусон?

„Следниот ден имавме важен меч, а Фергусон не сакаше многу да зборува. Кратко само ни објасни дека својот говор го одржал додека биле рударите на тренингот, а пред мечот само додаде „Ако после тоа што го видовте вчера, сега не изгинете на теренот, тогаш не заслужувате да бидете тука“. Знаете што се случи на крај? Победивме“, раскажува Фердинанд за тоа каков генијалец и одличен мотиватор беше Сер Алекс.

Колку за потсетување, во 2010 година во Сан Хозе се сруши рудник, а во него останаа затрупани 33-ца рудари на длабочина од 700 метри. Цели 68 дена тие издржаа во дупката, а потоа сите беа спасени и извлечени на сигурно. Таа животна драма која ја преживеаја рударите, Фергусон ја искористи како мотив за фудбалерите, а на крајот тоа донело и победа во важен меч.

 

- Оглас -

Најнови вести