Фернандеш, а не Роналдо, успеа да го пробие бункерот на Уругвајците и ја однесе Португалија во осминафиналето (Видео)

Репрезентацијата на Португалија успеа да го совлада Уругвај со 2:0 во второто коло од групата Х и стана третата селекција што обезбеди пласман во нокаут-фазата по Франција и Бразил.

Португалците по две кола имаат шест бода во својата група, Гана е втора со 3 бода, а Јужна Кореја и Уругвај имаат по еден.

Човек на одлука беше Бруно Фернандеш, кој ги постигна двата гола на натпреварот, иако првиот во 54-тата минута ФИФА првично му го припиша на Кристијано Роналдо.

Имено, Фернандеш нафрли од левата страна, Роналдо скокна и се обиде да ја удри со глава, а таа потоа заврши во голот на Уругвајците, кои дотогаш одлично се бранеа.

Иако првично му го припиша голот на Роналдо, по десетина минути ФИФА по деталното прегледување на снимката, утврди дека најголемата ѕвезда на Португалците не ја допрел топката и голот му го припиша на Фернандеш.

Фудбалерот на Манчестер јунајтед во судиското продолжение од белата точка го постави конечниот резултат и го потврди пласманот на Португалија во осминафиналето.

Португалија во последното, трето коло, ќе игра против Јужна Кореја, додека Уругвај го очекува дуел со Гана во меч кој треба да го даде вториот патник во осминафиналето од оваа група.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести