Ферстапен можеби е чекор поблиску до титула во Формула 1, откажана трката во Австралија

Трката за Големата награда на Австралија во Формула 1 која требаше да се вози на „Алберт парк“ во Мелбурн беше откажана поради рестрикции поврзани со корона-вирусот. Поради антиковид-правилата во Австралија (задолжителен карантин од 14 дена за сите кои влегуваат во државата), има многу логистички потешкотии за нормално одржување на гран-прито во таа земја, па одлучено е од календарот за 2021 година таа трка да биде избришана.

Трката во Австралија требаше да се вози на 21 ноември. Годинава беше откажана уште една трка, онаа во Сингапур, но беше заменета со Турција. Раководството на Формула 1 размислува и на местото на Австралија дополнително да уфрли некоја друга земја.

Ако годинава наместо 23, се возат 22 трки, тоа може да биде позитивно за водечкиот во генералниот пласман, Макс Ферстапен, бидејќи така би бил за еден чекор поблиску до првата титула и со помалку трки, се стеснува просторот тој да биде престигнат од Луис Хамилтон,кој е втор.

- Оглас -

Најнови вести