ФИБА ги објави седумте земји-кандидати за домаќини на ЕП 2021

По затворањето на процесот на аплицирање, ФИБА Европа објави дека кандидати за домаќини за Евробаскетот 2021 година се седум земји. Тоа се: Чешка, Естонија, Германија, Грузија, Унгарија, Италија и Словенија.

Бидејќи ниту една од овие кандидатури не е „сингл“, туку сите земји би биле организатори со уште некоја друга, првата фаза од ЕП 2021 ќе се игра во четири различни држави, што значи дека сите кандидати имаат над 50 проценти шанси да бидат меѓу домаќините на настанот. Финалната фаза, како и досега, ќе се игра во една од четирите земји.

Во 2015 година првпат се случи ЕП да се игра во четири различни земји, тоа се повтори и во 2017 година, а бидејќи сега континенталните првенства ќе се играат на четири години, наредното во 2021 ќе биде трето по ред со по четири земји-организатори.

Сега Европската кошаркарска федерација ќе ги разгледа сите сали и инфраструктурни понуди, пред Бордот на ФИБА Европа да одлучи кои четири земји ќе бидат организатори. Одлуката ќе се донесе во јули. Шанса да игра ова ЕП има и Македонија, која е меѓу 32-та тима кои преку квалификации ќе се борат за 24-те места на завршницата.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести