ФИФА ги објави номинираните за најдобар фудбалер, голман и тренер, јасно е кој е прв фаворит

Светската фудбалска федерација (ФИФА) ја објави листата на 14-темина фудбалери кои влегуваат во конкуренција за наградата Најдобар фудбалер во 2022 година, позната како The Best. ФИФА започна свој избор за најдобар фудбалер откако ја раскина соработката со „Франс фудбал“.

Место меѓу најдобрите 14-мина фудбалери нема за Кристијано Роналдо, кој претходно двапати бил најдобар во овој избор. Роберт Левандовски е единствениот кој заедно со Роналдо може да се пофали со две вакви награди, а Полјакот и сега е во трка за ова признание. Меѓу номинираните се и Хулиан Алварез, Џуд Белингам, Карим Бензема, Кевин де Бројне, Ерлинг Халанд, Ахраф Хакими, Винисиус Јуниор, Садио Мане, Килијан Мбапе, Лионел Меси, Лука Модриќ, Нејмар и Мохамед Салах.

Секако, тука е и изборот за најдобра фудбалерка во светски рамки.

За разлика од „Франс фудбал“, кој Златната топка ја доделува за достигнувања во една сезона, ФИФА своето признание го доделува за постигнувања во една календарска година. Ако се знае дека Аргентина со Меси стана светски првак, јасно е дека Лео е главен фаворит за оваа награда, која ја има освоено во 2019 година.

Освен награда за најдобар фудблер, има номинирани и за најдобар голман и најдобар тренер. Во конкуренција за најдобар голман се: Бразилците Алисон Бекер и Едерсон Мораеш, потоа Јасин Боно, како и Белгиецот Тибо Куртоа.

Кај тренерите во конкуренција се: Пеп Гвардиола, Карло Анчелоти, Лионел Скалони и Дидие Дешан.

Победниците ќе бидат познати на гала-свеченост, која е закажана за 27 февруари.

 

- Оглас -

Најнови вести