ФИФА предложи, а ИФАБ на вонредна седница во Ванкувер едногласно усвои две промени во Правилата на фудбалската игра. Станува збор за највисокото тело кое ги дефинира и ги менува правилата во фудбалот, а новите одредби ќе стапат на сила веќе за Светското првенство што започнува за околу месец и пол.
Првата промена, неформално наречена Lex Vinicius, е директно поврзана со случајот што предизвика големи реакции во фудбалската јавност. Според новото правило, секој играч кој ќе ја покрие устата за време на вербален конфликт со противник може да добие директен црвен картон.
Ова следува по контроверзиите во кои учествуваа Винисиус јуниор и Џанлука Престијани по натпреварот меѓу Бенфика и Реал Мадрид во Лигата на шампионите. Во таа ситуација имаше обвинувања за навреди, но дел од нив не можеа јасно да се потврдат поради тоа што играчите ги покривале усните.
Втората промена се однесува на напуштање на теренот во знак на протест. Сега судиите ќе имаат право да покажат црвен картон на играч или член на стручен штаб кој ќе го напушти теренот како форма на демонстрација против одлука. Ова правило е инспирирано од случувањата во финалето на Африканскиот куп на нациите меѓу Сенегал и Мароко, кога дел од играчите накратко го напуштија теренот во знак на незадоволство од судењето.
Од ИФАБ истакнаа дека промените имаат цел да го намалат неспортското однесување и да воведат построга дисциплина во ситуации кои ја нарушуваат регуларноста на натпреварите.

