ФИФА го „уби“ фудбалот во Африка

Селекторот на Брегот на Слоновата Коска, Патрис Бумел, е многу разочаран од тоа што ФИФА не најде начин како и на Светското првенство Катар да има повеќе претставници од африканскиот континент.

Во клучниот меч од групната фаза од квалификациите, Брегот на Слоновата Коска загуби на гости кај Камерун минимално со 1:0 и на тој начин се најде на второто место во групата со 13 бода (4 победи, едно реми и еден пораз), што не беше доволно да игра во баражот за пласман на Мундијалот 2022 година.

Според Бумел, не е праведно од африканските квалификации во кои учествуваат 54 репрезентации, само пет да одат на планетарниот собир. Во Европа од 55 селекции, на завршницата ќе одат 13 национални селекции, додека од Јужна Америка од 10 репрезентации, на СП ќе бидат четири или пет.

„Штета е што само пет од 54 репрезентации одат на СП. Силни селекции како што е нашата остануваат дома. Не ги критикувам другите континенти, но ФИФА го уби фудбалот во Африка“, рече Бумел.

Светското првенство во Катар ќе биде последно со 32 селекции, додека од Мундјалот во 2026 година на завршницата ќе има 48 учесници. Африка тогаш ќе има девет репрезентации на планетарниот собир.

- Оглас -

Најнови вести