ФИФА и УЕФА не ја признаваат таа репрезентација, но веќе е закажан пријателски дуел со двократен светски првак

Атлетик Билбао донесе голема радост за навивачите откако синоќа со победата од 3:0 против Атлетико Мадрид се пласира во финалето на Купот на Шпанија. Со овој триумф, баскискиот гигант уште еднаш потврди зошто заедно со Реал Мадрид и Барселона се единствените три клуба кои никогаш не испаднале од Примера дивисион и имаат толку долга историја.

Освен на клупски план, покраината Баскија се подготовува и за пријателски репрезентативен настап против двократниот светски првак Уругвај. Баскискиот фудбалски сојуз потврди дека на 23 март на стадионот „Сан Мамеш“ ќе биде одигран контролен меч против селекцијата од Јужна Америка.

Врската меѓу Баскијците и Уругвај е во Марсело Бјелса. Искусниот стратег моментално е на чело на Уругвај, а во периодот од 2011 до 2013 година беше на клупата на Атлетик Билбао. Овој меч кој ќе се игра нема да биде под „капата“ на ФИФА и УЕФА, затоа што репрезентацијата на Баскија не е признаена од двете фудбалски организации.

Баскија е автономна покраина во која живеат 2,2 милиони жители. Во баскискиот парламент најголем број има партијата која се заложува за референдум за независност.

УЕФА последен пат додаде нов член во својата организација кога го прифати Гибралтар, британска територија на југот на Шпанија. УЕФА пред 10-тина години го призна и Косово, кое веќе е дел од квалификациите за европските и светските првенства.

- Оглас -

Најнови вести