Генералниот секретар на ФИФА, Матијас Графстром, откри дека одржал позитивен и конструктивен состанок со претседателот на Иранската фудбалска федерација, Мехди Таџ, на кој главна тема било учеството на Иран на Светското првенство што летово ќе се одржи во САД, Канада и Мексико.
Иранската репрезентација треба сите три натпревари од групната фаза да ги игра на територија на САД, но во изминатиот период се појавија сериозни дилеми околу настапот на селекцијата поради тензиите меѓу Иран, САД и Израел.
Дополнителни компликации настанаа откако на Мехди Таџ претходно овој месец му бил одбиен влез во Канада поради наводни врски со Иранската револуционерна гарда, организација што САД и Канада ја сметаат за терористичка.
Графстром, кој престојуваше во Истанбул, порача дека разговорите поминале во одлична атмосфера и дека ФИФА со нетрпение го очекува настапот на Иран на Мундијалот.
„Имавме многу добар и конструктивен состанок со претставниците на иранската федерација. Работиме заедно и со задоволство ќе ги пречекаме на Светското првенство“, изјави генералниот секретар на ФИФА.
Претседателот на иранската федерација истакна дека состанокот бил исклучително успешен и дека ФИФА понудила решенија за сите десет прашања што ги покренала иранската страна.

