Ѕвездата на Реал ќе „извиси“ за Светското првенство?

Дин Хаусен повеќе нема загарантирано место во репрезентацијата на Шпанија за претстојното Светско првенство. Иако до неодамна се сметаше за сигурен патник, шпанските медиуми сега пишуваат дека околу дефанзивецот на Реал Мадрид постојат сериозни дилеми пред објавата на конечниот список од 26 фудбалери на 25 мај.

Според „АС“, Хаусен и натаму има мала предност во трката за место меѓу стоперите, но довербата во него значително опаднала. Неговите настапи сезонава не биле доволни за да си обезбеди сигурна „виза“ за Мундијалот, па битката за последното место во срцето на одбраната е целосно отворена.

Во шпанската федерација веќе имаат јасна слика за поголемиот дел од составот. Се верува дека околу 20 имиња се практично сигурни, додека за преостанатите шест позиции конкуренцијата е огромна. Две стоперски места речиси сигурно им припаѓаат на Пау Кубарси и Ејмерик Лапорт, кои треба да бидат прв избор во дефанзивната линија.

Многу блиску до место во тимот е и Марк Пубил, едно од најпријатните изненадувања оваа сезона. Иако пропушти дел од мартовските собири поради повреда, неговите игри оставиле силен впечаток, па можно е токму на Светското првенство да дебитира за сениорската селекција.

Зад нив следува вистинска битка. Освен Хаусен, во игра се и Џон Мартин, Москера, Робин Ле Норман, Ерик Гарсија и Вивиан. Селекторот Луис де ла Фуенте високо ги цени нивните квалитети, а конкуренцијата дополнително ја намалува сигурноста на младиот дефанзивец на Реал.

Причината за ваквиот пресврт лежи во неговата форма. Хаусен ја започна сезоната на одлично ниво, но во клучниот дел од кампањата следуваше пад во игрите. Од него се очекуваше многу, особено откако Реал Мадрид за неговиот трансфер издвои 63 милиони евра, што го направи најскапиот дефанзивец во историјата на клубот. Сепак, досегашните настапи не ги оправдаа целосно огромните очекувања.

- Оглас -

Најнови вести