Мурињо: Не знам што ќе биде, но засега 99% останувам во Бенфика

Името на Жозе Мурињо сериозно се поврзува со Реал Мадрид, но според последните изјави на славниот Португалец, неговата иднина во моментов многу повеќе води кон останување во Бенфика.

Мурињо конечно реши да стави крај на дел од шпекулациите кои со денови ја брануваат европската спортска јавност, нагласувајќи дека засега нема никаков конкретен договор со мадридскиот гигант.

„Кога ќе знам нешто конкретно за мојата иднина, тогаш ќе зборувам. Во овој момент постои реална можност да останам во Бенфика. Добив понуда за продолжување на соработката и навистина сум благодарен за шансата што клубот ми ја даде“, истакна Мурињо.

Иако призна дека постои интерес од страна на Реал Мадрид, трофејниот тренер потенцираше дека приказните за негово враќање на „Сантијаго Бернабеу“ засега се далеку од реалност.

„Има одредени контакти и разговори, но нема ништо официјално. Нема договор, нема директни преговори со раководството на Реал. Единствената вистинска понуда што ја имам е од Бенфика“, порача Португалецот.

Тој откри и дека во договорот со претседателот на клубот, Руи Кошта, постои клаузула која му овозможува да си замине доколку така одлучи, иако формално има уште една година од актуелниот договор.

Најголемо внимание сепак привлече неговата проценка околу шансите да остане во Лисабон.

„Во овој момент, шансите да останам во Бенфика се 99 проценти. Имам сериозна понуда на маса и засега од Реал Мадрид нема ништо конкретно“, изјави Мурињо.

За крај, искусниот стратег испрати порака и до навивачите, потенцирајќи дека без разлика на резултатите, е исклучително горд на своите фудбалери и на пожртвуваноста што ја покажале во текот на сезоната.

- Оглас -

Најнови вести