Фина е квотата за победа на Македонија над Финска

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија, од 18 часот (пренос на МРТ) во Тампере, го почнува своето второ учество на европските првенства, а исто како пред две години во Словенија, повторно на старот ривал им е Финска.

Црвено-жолтите во 2019 година загубија од Финска со 1-3 во сетови, па и сега Финците се фаворити на хартија (квотата во Sport Life за победа на Македонија е дури 5.00), особено затоа што играат на домашен терен. Но, македонскиот тим сега е многу поискусен, и огромната мотивација нема да биде проблем, туку предност, бидејќи ќе знаат како да ги контролираат емоциите.

Капитенот Никола Ѓоргиев, убеден е дека Финска не е подобар тим, и дека од нашиот тим зависи каков ќе биде конечниот исход.

„Не се подобра репрезентација од нас, но се ќе зависи од нашата верба, храброст и зрелост. Го гледав првиот натпревар со нив и навистина загубивме на ситни работи, а во нашата игра има можност за напредок уште 20 или 30 проценти. Доколку успееме да се подобриме за 10, мислам дека ќе ги победиме“ – најавува капитенот на популарните Спартанци.

Никола го знае патот до победата.

„Прво што мора е да веруваме во себе, да бидеме храбри и зрели и да издржиме на нивната игра. Јас знам како тие ќе играат, ќе ни ја даваат топката и ќе направат малку неизнудени грешки. Тука треба да бидеме луцидни и зрели и да бидеме храбри. Не смееме да играме женска одбојка, туку мораме да ги нападнеме уште од првиот здив и веднаш да им најавиме дека дојдовме тука за да ги победиме. Исто така, многу работи ќе зависат од одбраната, а тие играат многу добра одбрана, па ние ќе треба бидеме трпеливи и да ја градиме играта. Не мора секогаш да завршуваме од прва, ќе се играат долги поени. Трет фактор ќе биде нашиот сервис, а мислам дека во овој елемент имаме голем напредок во однос на Европската лига и тоа ќе го покажеме на овие натпревари, така што ќе си овозможиме полесни поени од нашиот блок, или, пак, блок-одбрана напад, а зошто да не и директни асови“ – анализира Ѓоргиев.

- Оглас -

Најнови вести