Првиот човек на Реал Мадрид, Флорентино Перес, кој во кампања за нов четиригодишен мандат пред изборите кои ќе се одржат на 7 јуни, испрати необична порака до Арсенал кога станува збор за една од најголемите ѕвезди на Топчиите. Тој смета дека англискиот репрезентативец Букајо Сака е една од главните цели во долгорочните планови на клубот. Во тој контекст, испратил и понуда која веднаш предизвика големо внимание во фудбалската јавност.
Пораката што му се припишува на Реал Мадрид, а која била испратена до Арсенал во врска со Сака, гласи:
„Или прифатете 100 милиони евра сега или изгубете го бесплатно во 2032 година.“
Ваквиот тон повеќе потсетува на ултиматум отколку на класични преговори меѓу два европски гиганти.
Во Реал Мадрид се убедени дека Сака има потенцијал со години да биде лидер на тим на највисоко ниво. Од друга страна, Арсенал засега не покажува знаци на паника ниту подготвеност за преговори под притисок.
Во лондонскиот клуб го сметаат Сака за еден од клучните фудбалери на проектот и столб на идниот тим. Наводно и сумата од 100 милиони евра е далеку под реалната пазарна вредност што Арсенал ја проценува за својот офанзивец.
Додека се чека евентуална реакција од Лондон, јасно е дека можна трансферна сага околу Бокајо Сака би можела да ги одбележи наредните преодни рокови.
Сепак, во Арсенал во моментов максимално се фокусирани на големото финале од Лигата на шампионите, кое во сабота од 18 часот ќе се игра во Будимпешта, каде што тимот на Микел Артета ќе се обиде да го симне ПСЖ од европскиот трон.
Арсенал по 22 години чекање конечно ја освои титулата во Премиер лигата, оставајќи го зад себе Манчестер сити на Пеп Гвардиола.

