Нико Розберг во 2016 година беше светски првак во Формула 1 и неочекувано реши да се повлече, па започна бизнис со отворање продавница за сладолед, и тоа на медитеранскиот остров Ибица.
Розберг, чиј татко Кеке, исто така, беше светски првак во Формула 1 во минатото, има 33 години, а десет години беше во Ф1, прво во Вилијамс, а потоа во Мерцедес. Преклани на само 31-годишна возраст, реши да престане да се трка. Зад себе има 23 победи на 206 трки.
„Тркањето во Формула 1 бара енормен интензитет и огромна сила. Откако го исполнив мојот сон да станам светски првак, решив да се повлечам кога сум на врвот. Мојот живот сега е поразличен, порелаксиран и послободен. Вака ми е подобро, ми се допаѓа сегашниот начин на живот. Не сме сите исти. Еве на пример, Валентино Роси не може да да престане“, вели Розберг.
Сега Нико и жена му Вивиан, со која има две ќерки, живеат во Монте Карло, но многу често се на Ибица, каде што летувале како деца, па таму решија да отворат ресторан, специјализиран за продажба на сладолед. Додека возел во Ф1, на Розберг му било забрането да јаде сладолед, затоа сега ужива и го надоместува пропуштеното.
Од следната сезона, Розберг повторно ќе биде во Формула 1, но не како пилот, туку како коментатор на британската телевизија „Скај“.