Македонија ќе има шанса да го продолжи настапот на Европското првенство во ракомет за жени ако ја победи Романија задутре во Скопје, во последното коло во првата фаза по групи.
За тоа се погрижија ракометарките на Франција, кои вечерва убедливо ја победија Романија со 35:21, па во последниот дуел во оваа група за нас и за Романките прва победа на која било селекција ѝ носи пласман понатаму.
До 7:7, Романките добро се држеа против лидерот во нашата група, а потоа Франција ја презеде контролата на мечот и славеше убедливо со 14 гола разлика.
Претходно денеска Македонија загуби со 15:30 од Холандија и има два порази, исто како и Романија.
Тоа значи дека во директен дуел задутре од 18 часот во салата „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се одлучува за третиот патник во следната фаза од нашата група.
Пред елиминација е Шпанија, селекција која има медали од сите големи натпреварувања, а денеска загуби од Полска со 21:22 и е без бодови по две кола во Д групата што се игра во Црна Гора.
Црногорките ја победија Германија со 29:25 и со четири бода се први на табелата. Полска и Германија имаат по два, а Шпанија е без бодови и мора да ја победи Германија во последното коло ако сака пласман во главната фаза на ЕП.