Фудбалер на Шкендија е меѓу 60-те најталентирани на светот од генерацијата 2004

Фудбалерот на Шкендија, Дашмир Елези, кој со 16 години и еден ден беше најмлад дебитант и стрелец во историјата на македонската прва лига, се најде на листата од 60 најголеми светски таленти од генерацијата фудбалери родени во 2004 година во изборот на угледниот „Гардијан“.

Англискиот весник од 2014 година наваму избира по 60 најголеми таленти. Елези, кој има 17 години, се опишува како играч кој најдобро се снаоѓа на страничните позиции во нападот, игра добро со левата и десната нога, а во екипата може да се користи и како втор шпиц.

Според „Гардијан“, тој е брз, агилен, интелигентен фудбалер, уживање е да се следи неговата игра. Се потенцира дека во сениорскиот тим дебитирал на 16 години и дека веднаш во првиот настап успеал да се запише во листата на стрелците, но дека кај него има многу голем простор за напредок. Елези одигра 30 натпревари за Шкендија и постигна седум погодоци.

Во изборот на „Гардијан“ на 60 најголеми светски таленти се наоѓаат и Гави, кој стана најмлад дебитант во шпанската сениорска репрезентација, како и Лука Ромеро, кој беше најмлад дебитант во шпанската лига, и Емре Демир, за чиј потпис се борат многу гиганти. На листата има доста играчи од балканските простори.

- Оглас -

Најнови вести