Без пардон, Вардар е шампион

Во услови кога фудбалот во светски рамки тргна во контраофанзива против пандемијата со корона-вирусот, кај нас најважната споредна работа на светот повторно се заплетка во матни игри.

Првенството е прекинато и нема да се доигра, а бура од реакции предизвика одлуката на Фудбалската федерација да нема одлука за шампион.

Типично за Македонија. Сега ќе се калкулира, ќе се пресметуваат ситни интереси, ќе се криеме зад некаков правилник и ќе мериме проценти, колку кола се одиграни и неодиграни и, што е најсмешно, ФФМ ќе се пофали дека УЕФА е горда на нашата Куќа на фудбалот.

Кој може да биде горд на административна одлука да се прекине првенство од која било причина, па тоа да било и тешката пандемија со ковид-19?

Вардар е инспирација, време е за храбра одлука

Веќе сите знаеме што се крчка, ќе има нова катастрофална одлука со која Вардар нема да биде шампион. Господата од ФФМ ќе се кријат зад правилникот за натпреварување, член тој и тој, а ќе се повикуваат и на препораки што УЕФА ги нема испратено до ниедна фудбалска влада во Европа. Напротив, сугестијата од Нион е секој сам да си одлучи што понатаму и што во случај да нема услови првенството да се доигра.

И наместо храбри одлуки, кои се во интерес на македонскиот фудбал, повторно гледаме политиканство. Како што стојат работите, Вардар ќе остане со празни раце во сезона во која и најголемите негови противници искрено ќе си признаат дека го заслужи пехарот. Докажано со квалитет, со игрите на терен, со страшен тимски дух, со одличен потенцијал на дузина млади играчи, беспрекорно менаџиран од талентиран тренер, каков што е Александар Васоски.

Вардар е прв на табелата со двоцифрена предност пред конкурентите, иако има убедливо најмлад тим во Лигата, во сезона со неверојатни финансиски проблеми и со тренер-дебитант.

И ако сакате, Вардар сезонава беше инспирација за сите искрени љубители на фудбалот во Македонија, без разлика на клупската припадност и симпатиите.

Господата од ФФМ треба само да ги ѕирнат, макар и срамежливо, коментарите и честитките за храбрата чета на Александар Васоски, а ги има доволно, за да донесат единствена исправна одлука, 12-тата титула да си најде место во колекцијата со трофеи кај најтрофејниот клуб во државата. И, секако, да ја искористат приказната на Вардар, која е реткост во нашиот напатен домашен фудбал, за да се направи барем мал чекор напред. Како убав пример за идните фудбалски таленти дека може да се успее и кога е најтешко, да бидете шампиони и кога Дамокловиот меч постојано виси над опстанокот на клубот, над судбината и на најтрофејните, најуспешните, на миленикот на многу генерации во македонската спортска приказна.

Сè друго ќе биде уште еден лош македонски спортски пример за калкуланство, за штитење ситни интереси, кои немаат врска со најважната споредна работа на светот.

Фудбалот е вистински лек за корона

Белорусите и Германците си направија одличен маркетинг во време кога беше тешко да си вешт, да одлучиш да играш фудбал, иако опасно демне најтешката пандемија во последните 100-тина години.

Засекогаш ќе се памети дека овие две земји во Европа беа пионери, секоја на свој начин во фудбалската битка против короната. Белорусите воопшто и не застанаа со натпревари, а од Топ-5 лигите сè уште само Германците со бубамара на терен ѝ пркосат на опасната зараза.

Подоцна им се приклучија уште дузина првенства, а како одлична најава за жешко фудбалско лето се и последните подготовки за рестартирање на шпанското, англиското и италијанското првенство.

Нѐ очекуваат и екстра-квалитетни мечеви во Лигата на шампионите и во Лигата на Европа, па спортот број 1 полека, но сигурно нѐ враќа во нормален колосек, како доказ дека фудбалот и во тешки услови носи радост за милиони обожаватели ширум планетата и апсолутно го заслужува епитетот на најважна споредна работа на светот.

 

- Оглас -

Најнови вести