Фудбалско будење – Почнуваат Бундеслигата и Лига 1 со јасни фаворити, поинаку е во Премиер лигата, таму има многу кандидати за титулата

Вистинско фудбалско будење од летната летаргија ќе има викендов, со старт на три од петте најсилни лиги во Европа, Премиер лигата во Англија, германската Бундеслига и Лига 1 во Франција.

На премиерата денеска во Германија, најтрофејната екипа Баерн Минхен од 20.30 часот ќе има интересно гостување во Франкфурт кај Ајнтрахт, екипа што го освои пехарот во Лигата на Европа.

Домаќините се надеваат на изненадување и имаат сосема солиден тим, но во Германија веќе се знае со години дека Баерн е голем фаворит за титулата.

Сега ќе биде и интересно да се види како ќе функционираат без Кралот на стрелците во Европа, Роберт Левандовски, а во фокусот ќе биде големото засилување од Ливерпул, Садио Мане.

Баварците имаат вкупно 32, што е рекорд и се единствени со двоцифрен број титули, а доминацијата ја отсликуваат и десетте пехари по ред во Бундеслигата, па јасно е дека Баерн пак е топ-фаворит и за 33-ка и 11-ка во низа во Германија.

И во Франција ќе стартува Лига 1, а и таму се знае главниот фаворит, тоа е Пари Сен Жермен.

Триото Мбапе, Меси и Нејмар можеби лани не функционираше како што посакуваа Светците, но според квалитетот и парите што ги имаат, нема поголем фаворит од ПСЖ за титулата.

Целта е конечно да бидат сами лидери на вечната листа со најтрофејни екипи во Франција, на која моментно со 10 пехари го делат првото место со Олимпик Марсеј и Сент Етјен.

По долг период во Првата лига ќе ги нема и Сент Етјен и Бордо, десеткратен и шесткратен француски првак, или заедно двата тима кои вкупно имаат 16 титули.

Вечерва Лига 1 ќе стартува со мечот меѓу Лион и Ажаксио од 21 часот.

Денеска со дуелот меѓу Кристал палас и Арсенал во лондонското дерби од 21 часот на „Селхурст парк“ ќе почне и новото издание на Премиер лигата.

И токму гостите, или популарните Топчии сезонава се меѓу главните кандидати за титулата, ситуација што не била одамна за 13-кратниот првак, кој потроши најмногу пари за засилување во последните три преодни рока, и тоа 350 милиони евра, и направи екипа за респект.

Оптимизмот кај навивачите на Арсенал е голем и се чека титулата по цели 19 години.

Сепак, како прв фаворит повторно котира актуелниот првак Манчестер сити, потоа е Ливерпул, а не смее да се заборави и Челзи, кој има нов сопственик, Тод Боели, и по цели 19 години за првпат е без рускиот тајкун Роман Абрамович како газда на клубот.

Во кругот на фаворитите е и Тотенхем со извонредниот тандем Кејн-Сон, но и со Конте на клупата, а не смее да се отпише ниту најтрофејниот клуб Манчестер јунајтед со новиот кормилар Ерик тен Хаг.

Карванот со три од Топ-5 лигите во Европа од денеска почнува да врви на радост на бројната армија што ја симпатизира најважната споредна работа на светот, неговото величество фудбалот.

 

- Оглас -

Најнови вести