Фуриозен финиш и победа на Хрватска против Исланд

Хрватска повторно се покажа како незгоден ривал за Исланд и со фуриозен финиш ја забележа првата победа на ракометниот Мундијал.

Во меч од нашата група избраниците на Лино Червар направија пресврт и од негатива од 22:24 стасаа до триумф од 31:27. Лука Степанчиќ блескаше и беше најефикасен со осум погодоци, а одличен на голот беше Марин Шего.

Исланѓаните добро се држеа до 50. минута, а потоа тргна офанзивата на Хрватите, кои останаа нерешлива енигма за денешниот ривал. Ја забележаа седмата победа во осмиот меч на големите натпреварувања против Исланд.

Лука Циндриќ беше втор стрелец кај Хрватите со шест погодоци, а Хорват даде пет. Арон Палмарсон беше прв стрелец кај Исланд со 7 гола.

Во дербито од А групата Србија и Русија одиграа нерешено, 30:30, а мини-сензација приреди Аргентина со реми против Унгарците, 25:25. Австрија очекувано ја победи Саудиска Арабија со 29:22.

- Оглас -

Најнови вести