Фуриозно – Шпанија ја декласира Хрватска со 6-0

Дербито на колото во Лигата на нациите беше рутина за Шпанија, селекцијата која неочекувано лесно ја декласира Хрватска со 6-0. Актуелните светски вицешампиони потонаа во Елче и доживеаја еден од најтешките порази во нивната историја.
Саул Њигес со гол во 24-тата минута најави победа на „црвената фурија“, а потоа откако се проби мразот следеше фуриозна игра на Шпанците.
Темпо диктираше извонредниот играч на Реал Мадрид, Марко Асенсио, кој постигна два гола за две минути, а потоа имаше и три асистенции за неверојатен ефект на стадионот во Елче.
Голови за Шпанија постигнаа и Родриго, Рамос и Иско, па Хрватска доживеа бродолом и драстично си ги намали шансите за успех во Лигата на нациите.
Во најсилниот Сегмент А од Лигата на нациите, вечерва убедливо славеше и Белгија, на гостински терен против Исланд со 3-0.
Босна и Херцеговина ја забележа втората победа во вториот меч во новоформираното натпреварување, но во Сегментот Б, а во Зеница „падна“ Австрија.
Един Џеко со голот во 78-мата минута ѝ донесе победа на домашната селекција за прво место во третата група од овој сегмент.
Во Лигата Ц, Финска со 1-0 ја победи Естонија, победа славеше и Унгарија со 2-1 против Грција, а во нашиот Сегмент Д Молдавија и Белорусија одиграа без голови, додека Луксембург лесно со 3-0 го победи Сан Марино.

- Оглас -

Најнови вести