Таеквондистот Дејан Георгиевски кој ја израдува македонската јавност со освојувањето на сребрен медал, и тоа откако на патот до финалето во категоријата над 80 килограми елиминира двајца фаворити, вели дека е среќен што се закитил со медал, иако посакувал злато.
„Очекував медал, најавив дека ќе одам по златото, но освоив сребро. Се надевам дека во иднина ќе има уште поголеми успеси. Според мене, најтешко ми беше во првата борба против светскиот првак. Во финалето пресудни беа детали и моменти“, изјави Георгиевски.
Дејан, кој има 22 години, е прв македонски спортист кој освоил сребро на едни олимписки игри. Следната година пред него се нови предизвици, како Светското и Европското првенство, ќе оди на медал и таму, а не е далеку ниту ЛОИ во Париз во 2024 година.
„Среќен сум што ја израдував Македонија. Благодарам од срце за поддршката, до Токио ги чувствувам позитивните вибрации. Чувството е неверојатно, сите сè уште сме под импресии“, се заблагодари Дејан, чиј успех денеска беше главна вест во нашата земја.
Од тимот на Георгиевски за утре најавија детали околу тајмингот на враќањето во Македонија.