Вака никој не ги преслушал – Казнената експедиција од Шефилд ги прегази екипите од главниот град

Шефилд јунајтед игра одлична сезона во Премиер лигата, прва по подолг период во најквалитетното англиско фудбалско натпреварување и е на прагот да обезбеди и настап во Европа Лигата.

Избраниците на Крис Вајлдер со прекрасна игра и настапи собраа дури 54 бода и на три кола до крајот на сезоната се на шестата позиција, која гарантира настап во Европа Лигата.

Вчера со 3:0 го декласираа фаворизираниот Челзи и затворија едно многу успешно поглавје во сезоната. Шефилд јунајтед остана без пораз на вкупно 10 меча против клубовите од главниот град Лондон, а против сите има најмалку една победа.

Со Челзи во првиот дел од шампионатот одиграа нерешено 2:2 на „Стемфорд Бриџ“, а вчера им одржаа лекција на скапите ѕвезди што ги предводи Франк Лампард и славеа со 3:0.

И против екипите од Северен Лондон, Арсенал и Тотенхем имаат по една победа и реми и освоија вкупно 8 од можните 12 бода.

Против Топчиите славеа дома со 1:0 и одиграа на „Емирејтс“ во Лондон нерешено 1:1. Со Тотенхем ремизираа во Лондон 1:1, а дома победија со 3:1.

Со Вест Хем имаат идентичен биланс со исти резултати како на дуелите со Арсенал, победа од 1:0 на „Брамал Лејн“ и реми 1:1 на гостински терен во главниот град на Англија.

Најдобар ефект сезонава против петте клуба од Лондон имаат со Кристал Палас, клуб што го победија на двапати со по 1:0.

Или со јазикот на математиката Шефилд јунајтед на 10 дуели со екипите од главниот град има шест победи и четири ремија и освои 22 од можните 30 бодови.

 

 

- Оглас -

Најнови вести