Го потопи Гибралтар, но Халанд сепак не е задоволен од учинокот за својата репрезентација

Очекувано Ерлинг Халанд предводеше во победата на Норвешка од 5-1 над Гибралтар во којашто постигна хет-трик, со што стигна до учинок од 12 гола во репрезентативниот дрес во само 15 натпревари. Сепак, гол-машината на Дортмунд не е задоволна од својот учинок и смета дека досега требаше да брои повеќе погодоци отколку настапи за Норвешка.

„Не, не постигнувам доволно голови. Овој учинок не ме прави среќен, досега требаше да имам забележано повеќе погодоци отколку натпревари“, истакна Халанд за норвешките медиуми.

Но, како и самиот да не е свесен дека и овој учинок не е за замерување. Во споредба со Лионел Меси, кој до првите 12 гола за Аргентина му беа потребни дури 36 меча, односно Кристијано Роналдо запиша 34 настапи додека изброи 12 погодоци за Португалија.

Како и да е, 21-годишниот Халанд ја пренесе одличната форма од минатата сезона во која забележа 41 гол на исто толку натпревари за Милионерите, додека оваа сезона во пет меча во сите конкуренции брои шест погодоци за бундеслигашот.

- Оглас -

Најнови вести