Диего Симеоне ќе може да смета на својот капитен Диего Годин во возвратниот дуел против Јувентус во осминафиналето од Лигата на шампионите. „Јорганџиите“ утре гостуваат во Торино, а таму ќе треба да ги одбранат оние 2-0 со кои славеа во Мадрид.
Аргентинскиот стратег сепак се соочува со други проблеми во пресрет на овој дуел. Левата бековска позиција ќе биде доста ослабена бидејќи двајцата бекови Филипе Луис и Лукас Ернандес не закрепнаа навреме од повредите на листот, односно коленото. Токму овој сегмент може да го искористи Јувентус и да врши притисок од нивната десна страна со цел да се врати резултатски во игра.
Исто така ќе отсуствува Диего Коста, неговата борбеност ќе недостасува на теренот, која многу значи во вакви дуели. Поради суспензија од жолти картони, Томас Парти нема да биде дел од утрешниот тим на Атлетико.
Реванш-пресметката е закажана за утре, дуелот на „Алијанц стадионот“ во Торино започнува во 21 часот.