Ѓоковиќ доби нова „шлаканица“ од Мелбурн

Дилемата дали Новак Ѓоковиќ ќе игра на првиот гренслем-турнир во Австралија, останува отворена. Таткото на Новак, Срѓан Ѓоковиќ, неодамна изјави дека организаторите на турнирот во Мелбурн едноставно го уценуваат најдобриот тенисер во светот.

Според правилата во сојузната држава Викторија, сите спортисти коишто сакаат да бидат дел од некое натпреварување мора да бидат вакцинирани, а тоа уште еднаш го потврди министерот за спорт, Мартин Пакула.

„Ако сте тенисер или кој било друг спортист кој ќе дојде кај нас, тогаш исто така мора да имате одговорност кон заедницата во која сте дошле. Затоа, уште еднаш ги замолувам сите тениски ѕвезди да се придржуваат до мерките коишто важат за сите жители, но и за гостите во државата Викторија. Тоа не е никаква уцена, туку едноставно протокол до кој сите се придржуваат“, рече министерот Пакула.

Ѓоковиќ е деветкратен освојувач на Отвореното првенство на Австралија и актуелен бранител на тронот. Доколку не покаже соодветна вакцинација против корона-вирусот, Србинот нема да може да го брани трофејот.

Турнирот во Мелбурн ќе се игра од 17 до 30 јануари, а Ѓоковиќ моментно е дел од Дејвис купот на Србија и денеска игра против Казахстан за пласман во полуфиналето.

- Оглас -

Најнови вести