Ѓоковиќ му одржа час по тенис на Алкарас и си закажа меч за титула со Синер

Новак Ѓоковиќ е противникот на Јаник Синер во финалето на завршниот АТП Мастерс турнир кој се игра во Торино, откако во второто полуфинале го декласира Карлос Алкарас.

Ѓоковиќ за точно 90 минути игра, со 6:3,6:2 го победи вториот светски рекет, Карлос Алкарас.

Шпанецот тргна агресивно уште во првиот гем и имаше две брејк топки, но Ѓоковиќ успеа да се извлече. И во наредните шест гема, Алкарас беше поагресивен, но до брејк кој го одлучи сетот, дојде Ѓоковиќ и тоа во осмиот гем.

Алкарас при резултат 4:3 за Ѓоковиќ направи четири грешки на бекенд и му го подари гемот на противникот. Во следниот гем, Ѓоковиќ со сигурен сервис го завери брејкот, што значеше водство од 1:0 во гемови.

Во вториот сет, Ѓоковиќ двапати го одзеде сервисот на Алкарас, прво во третиот гем кога поведе со 2:1. Сите дилеми околу победникот беа решени во седмиот гем кога Новак повторно направи брејк и си обезбеди пласман во финалето каде ќе го чека Јаник Синер кој во првото полуфинале со 2-1 во сетови го победи Данил Медведев.

Овој дуел ќе биде реприза од мечот во групите кога Италијанецот славеше со 2-1 во сетови. Стартот на финалето на последниот турнир годинава во машка конкуренција е закажан за 18 часот.

- Оглас -

Најнови вести