Ѓоковиќ направи од готово вересија и загуби од Баутиста

Роберто Баутиста Агут приреди вистински подвиг и со победа во три сета го елиминира најдоброрангираниот светски тенисер Новак Ѓоковиќ во полуфиналето на АТП турнирот во Доха.

Ѓоковиќ имаше чиста позиција за победа, го доби првиот сет со 6:3, а потоа направи и брејк и поведе со 4:3, но не успеа докрај да ја заврши работата.

Шпанецот се разигра, веднаш возврати со ри-брејк, а потоа во тај-брејк со 8:6 во поени израмни на 1.1 во сетови.

И веднаш на стартот од решавачкиот сет направи нов брејк, а предноста ја задржа до крајот и победи со 3:6, 7:6 (8), 6:4.

На патот до финалето Баутиста елиминираше двајца поранешни шампиони од Австралија опен, турнир кој е прв гренд-слем во сезоната и ќе почне за десет дена.

Пред да го победи Ѓоковиќ, седмиот носител на турнирот во Доха беше подобар и од Станислас Вавринка. Во финалето Баутиста ќе игра со победникот од второто полуфинале меѓу Чекинато и Бердих, кое ќе се игра вечерва од 19.30 часот.

- Оглас -

Најнови вести