Ѓоковиќ нема да игра во Женева, после киксот во Рим директно оди на „Ролан Гарос“

На прес-конференцијата после поразот од Дино Прижмиќ на Мастерсот во Рим, Новак Ѓоковиќ потврди дека следен настап ќе му биде гренслем турнирот „Ролан Гарос“ во Париз. Имаше проблеми во вториот и третиот сет против Хрватот, но не сакаше тоа да го користи како оправдување.

„Се надевам дека разбирате дека нема да зборувам за тоа. Сакам да му честитам на Дино. Тој заслужи да победи денес. Дојдов тука да одиграм еден или повеќе натпревари. За жал, беше само еден. Во ред е. Мило ми е што барем се борев до крај. Сакам да им се заблагодарам на гледачите, поддршката и љубовта што ја добивам се нешто што не го земам здраво за готово“, рече Новак.

„Не играв толку лошо. Да бидам искрен, воопшто не мислам дека играв толку лошо. Вториот сет е очигледно нешто за заборавање, со оглед на тоа како се чувствував на теренот, но првиот и третиот беа сосема во ред. На крајот, беше добра борба. Јасно можам да видам што ми недостига. Дефинитивно не сум таму каде што сакам да бидам на највисоко ниво, да се натпреварувам со најдобрите и да одам далеку“, додаде Ѓоковиќ.

Ова беше прв и единствен меч што Новак ќе го игра на земјена подлога пред „Ролан Гарос“.

„Да, искрено, тоа не е идеална подготовка. Не можам да се сетам кога последен пат во изминатите неколку години имав подготовка без никакви физички или здравствени проблеми пред турнир. Секогаш се појавува нешто. Тоа е некоја нова реалност со која морам да се справам. Фрустрирачко е, но во исто време, моја одлука е да продолжам да настапувам во таква состојба и под такви околности“, додаде Ѓоковиќ кој шест пати го освојувал Мастерсот во Рим, а денескаа првпат испадна на својот прв меч.

На прашањето дали е уверен дека ќе успее да биде во добра форма до Гренд слемот во Париз, тој рече:

„Не знам. Се надевам. Ќе видиме што ќе се случи. Одам директно на Ролан Гарос. Тоа е одлуката што ја донесов“.

Новак нема да се појави во Женева како генерална проба пред Ролан Гарос. Лани во Женева го освои турнирот и тоа му беше 100-та титула.

- Оглас -

Најнови вести