Дури во четвртото олимписко полуфинале Новак Ѓоковиќ се израдува на победа и место во финалето. Србинот уште на почетокот на оваа година најави дека негова примарна цел ќе му биде освојување на златниот медал на Игрите во Париз, а сега е на само еден чекор од реализација на тој план.
Во полуфиналето, Ѓоковиќ со 2:0 во сетови го победи Италијанецот Лоренцо Мусети, а потоа прослави како да станал првак.
„Беше тежок меч, со многу емоции. Тензиченo, затоа што знаев дека со победа ќе обезбедам медал за мојата земја. Прво финале на Игрите, во четвртиот обид. Под овие услови, ова веќе е голем успех за мене. Бев нервозен пред мечот затоа што загубив во претходните три полуфинални дуели на ЛОИ и едноставно сакав да победам“, рече Ѓоковиќ веднаш по полуфиналето.
Во борба за златото Ѓоковиќ во финалето ќе игра против Карлос Алкарас, тенисерот кој е во најдобра форма сезонава, човекот кој ги освојуваше титулите на Ролан Гарос и Вимблдон.
„Мислам дека двајцата ќе бидеме среќни бидејќи имаме еден ден за одмор. Тој играше многу мечеви во овој период и во синг и во дабл конкуренцијата. Мене на овие години многу ми значи еден ден одмор да имам време да ми закрепне телото. Ова е најголемиот предизвик што го имам во моментов. Алкарас победи на овој терен на Ролан Гарос пред еден месец. Лани го победив на овој терен, но загубив сега на Вимблдон во финалето. Подобро се чувствувам од тоа кога играв на Вимблдон, се надевам дека ќе излезам на теренот и ќе одиграм на најдобар можен начин. Немам што да загубам затоа што веќе обезбедив медал за мојата земја“, заврши Ѓоковиќ по победата во полуфиналето на ЛОИ во Париз.