Новак Ѓоковиќ се пласираше во второто коло на Австралија опен, првиот гренд-слем турнир во сезоната. Српскиот тенисер е рекордер со дури 10 титули на турнирот во Мелбурн, па затоа тој секогаш е на листата на фаворити за висок пласман.
Популарниот Ноле е рекордер со 24 гренд-слем титули, а многумина очекуваат кариерата да ја заврши барем со заокружени 25 трофеи од најсилните турнири. Во првото коло денеска, Ѓоковиќ потешко од очекувањата, по дури три часа игра, го победи американскиот тенисер Басавареди со 3:1 во сетови.
По победата над Басавареди, Ѓоковиќ од новинарите беше запрашан за тоа дали намерно на првиот турнир во годината, тој во Бризбејн на почетокот од годината, намерно се појави со ранец на кој го имаше Покемон Пикачу.
Токму Пикачу е 25-тиот Покемон, што многумина го протплкуваа како најава за освојување на 25 гренд-слем турнир во кариерата.
„Интересна ми е таа теорија. Баш ми е забавно. Искрено не го направив тоа намерно. Дали тоа Семоќниот намерно го направи тоа како што беше пред неколку години кога во Аделаида беше тоа со 22 пати..“, рече Ѓоковиќ потсетувајќи за една теорија од пред две години. На турнирот во Адералида, по освојувањето на турнирот, Ѓоковиќ со прстот 22 пати се удри во главата. Неколку недели подоцна тој триумфираше и на Австралија опен и тоа беше негов 22-ри гренд слем турнир во кариерата.
„Ни тоа не беше намерно, барем не свесно. Веројатно беше на некое симболично и несвесно ниво“, тогаш рече Ѓоковиќ, кој сега е седми носител на турнирот во Мелбурн, а во второто коло ќе игра против португалскиот квалификант Јаиме Фариja кој е на 125 место на АТП листата.