Пак ќе има шоу во Лос Анџелес – Крис Пол треба да им се приклучи на Џејмс и Дејвис во ЛА лејкерс

Лос Анџелес лејкерс сака да го ангажира Крис Пол од идната сезона, со што би имал супер трилинг од НБА-ѕвезди. Планот е на Леброн Џејмс и на Ентони Дејвис да им се приклучи 34-годишниот плејмејкер, со што Езерџиите би имале три Олстар-играчи во ростерот и многу сериозен тим во битката за титулата.

Пол е член на Оклахома сити тандер, а интересно е што настапуваше шест сезони за градскиот ривал на Лејкерс, Лос Анџелес клиперс.

Ова би било голема шанса и за десеткратниот учесник на Олстар-натпреварите во финишот на кариерата да дојде до шампионскиот прстен.

Лејкерс ќе се обидат да го задржат и Ентони Дејвис, кој ќе биде слободен агент ова лето. Сезоната во НБА-лигата е прекината и не се игра од 11 март, а ако се доигра, за што има најави, тогаш речиси сигурно е дека Езерџиите ќе го почнат плејофот од првата позиција во Западната Конференција, па дури е можен и дуел со Пол и Оклахома во некоја од рундите на патот до титулата.

- Оглас -

Најнови вести