Горки три бода за Барса, Меси пак се повреди

Барселона славеше со 2-1 против Вилјареал во мечот од шестото коло во Ла Лига, но на шпанскиот првак не му е до радување бидејќи Лионел Меси повторно се повреди. Според изразот на лицето на Аргентинецот, станува збор за истата повреда, во листот од десната нога, која му оневозможи добар старт на новата сезона.

Меси за првпат сезонава се најде во стартните 11, а болките се појавија веќе по половина час игра, во моментите кога Барса имаше водство од 2-0. Аргентинецот по паузата не се врати на теренот, на негово место влезе Усман Дембеле, а дури утре изутрина ќе се утврди сериозноста на повредата откако ќе се извршат медицинските прегледи.

Инаку, избраниците на Ернесто Валверде одлично го отворија мечот и по 15 минути дојдоа до двојното водство против Вилјареал преку Гриезман и Артур. Конечниот резултат го постави Санти Касорла пред крајот на првото полувреме со фантастичен погодок од далечина.

Шпанскиот првак по шест меча, има 10 бода и сега е на четвртото место на табелата, Вилјареал има два помалку и ќе преноќи на осмата позиција.

Останати резултати шестото коло на Ла Лига:

Валјадолид 1-1 Гранада

Бетис 3-1 Леванте

- Оглас -

Најнови вести