Готово е: Артета промовиран во нов тренер на Арсенал

Англискиот премиерлигаш Арсенал и официјално го наименува Микел Артета за нов тренер. Некогашниот играч на Топчиите сега добива шанса да се докаже како менаџер. Договорот е на три и пол години. Артета доаѓа на местото на Унаи Емери, кој поради слабите резултати, беше избркан минатиот месец.

Артета беше играч на Арсенал во периодот од 2011 до 2016 година, а потоа замина меѓу тренерите. Беше помошник-тренер на Пеп Гвардиола во Манчестер сити, што значи дека имал од кого да научи дел од тренерските тајни. Се очекува Арсенал на Сити да му плати два милиони евра за тоа што му го „украде“ помошникот на Гвардиола.

Главна задача на Артета ќе биде да го врати Арсенал на победничките патеки. Моментно Топчиите се на 10-тото место на табелата само со 22 бода. Лондончани утре ќе гостуваат кај Евертон, а на клупата ќе седи Фреди Љунберг, кој во последниве неколку недели ја имаше улогата на привремен тренер. Артета со работа во Арсенал ќе започне в недела.

„Знам дека не може преку ноќ да се случат промени, но во сегашниот состав гледам многу квалитетни играчи. Ни претстои многу работа, но уверен сум дека ќе имаме резултати“, рече Артета.

 

- Оглас -

Најнови вести