Готово е: Дортмунд го врати Хумелс

Матс Хумелс е најновата аквизиција на Борусија Дортмунд. Милионерите го вратија некогашниот капитен во своите редови, а за неговите услугите му исплатија 38 милиони евра на Баерн Минхен. Германецот се согласи на тригодишен договор и повторно ќе го облече жолто-црниот дрес три години откако го напушти „Сигнал Идуна парк“.

Германскиот вицепрвак комплетираше уште едно сериозно засилување, откако претходно ги доведоа Торган Азар, Џулијан Брант и Нико Шулц за вкупно 75 милиони евра, а Хумелс е четврти играч кој доаѓа од бундеслигашки тим.

Пред да се пресели во Минхен, Хумелс настапи вкупно на 209 натпревари за Милионерите, а освои и пет трофеи, од кои две се титули во Бундеслигата.

Официјалната фан-страница на Б. Дортмунд на „Твитер“ со едноставна објава ги „запали“ своите навивачи.

Инаку, Хумелс како младинец на Баварците пристигна во редовите на Дортмунд во 2008 година, каде што подоцна стана капитен, а точно по осум години се врати на „Алијанц арена“. Ова му е втор трансфер на релација Баерн – Дортмунд во кариерата.

- Оглас -

Најнови вести