Вардар го вгостува Шкупи на „Тодор Проески“, сограѓанска битка ќе има и во Тетово

Во рамки од 15-тото коло на Првата фудбалска лига на Македонија, денес се играат четири натпревари со старт од 13 часот. Лидерот на табелата Вардар на домашен терен ќе го пречека тимот на Шкупи, кој е во лоша мини-серија од три меча без победа.

Црвено-црните до претходното коло беа непоразени во 12 првенствени натпревари, а од гостувањето во Струга се вратија разочарани и совладани со 2-1 од тимот на Струга ТЛ. Сепак, тренерот Васоски има задача да ги врати своите играчи во колосек, и воедно да ги мотивира вардародите фудбалери да ја оправдаат фаворитската улога против чаирчани.

Во последните пет меѓусебни дуели, Вардар славеше во три наврати, додека последниот триумф го запиша пред точно една година со минимални 1-0, а еден  меч заврши без победник.

На градскиот стадион во Тетово, две тамошни екипи ќе ги одмерат силите во обидот да се дојде до посакуваните три бода. Актуелниот првак Шкендија е голем фаворит против градскиот ривал Ренова, против гипсарите ќе треба да се продолжи добрата форма која трае веќе четири дуели со цел да ги врати надежите за одбрана на титулата.

Шкендија засега е на третото место со 21 бод, девет помалку од лидерот Вардар, но бодовите би требало да останат кај нив ако се знае дека Ренова е во негативна серија од седум меча без победа, во кои претрпе четири порази. Шкендија доби три од последните пет меѓусебни дуели против Ренова, гипсарите последен пат славеа кон крајот на минатата сезона со 3-2, а во еден дуел не се одреди победникот при конечни 2-2.

Останатите два меча од 15-тото коло се Академија Пандев – Струга ТЛ и Борец – Силекс.

- Оглас -

Најнови вести